За 2023 предвидовме буџет кој ќе придонесе за развој и модернизирање на одбраната согласно стандардите на земја членка на НАТО. Развојот во одбраната ќе придонесе за посовремена безбедност во однос на заканите кои ни ги носат геостратешките предизвици, а за кои имаме обврска да ги заштитиме нашите граѓани. Третина повисок буџет во одбраната значи влог во мирот и стабилноста на луѓето, а тоа е непроценливо, изјави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Славјанка Петровска, презентирајќи го предлог Буџетот за 2023 година.
Премиерот направи споредба за состојбите во АРМ пред пет години и денеска.
-Кога само ќе се сетам во каква состојба ја најдовме Армијата во 2017, скинати униформи и чизми, дотраена опрема и незгрижени армиски припадници. Меѓународно изолирана и ранлива по многу основи. Сето тоа е минато, со напорна работа и со многу труд посветен од страна на Министерството, го вративме пред се достоинството на Армијата, а одбраната ја издигнавме на ниво заслужно на една земја членка на НАТО Алијансата. И тоа ќе продолжиме да го правиме, истакна Ковачевски.
Тој даде и официјални информации колкав ќе биде Буџетот на Министерството за одбрана.
-Поради ова, во 2023 не го зголемивме буџетот до ниво од 1,97%, но тоа не значи дека износот кој го издвоивме годинава не е повисок од тој од минатата година. Буџетот за одбраната за 2023 година изнесува 274,6 милиони евра што е речиси за третина повеќе од 2022 година. И воедно, многу е важно да напоменам дека ваквото покачување значи дека ќе ја оствариме и зацртаната цел, а тоа е буџет за одбрана да биде 2% од БДП во 2024 година, според стандардите на НАТО, порача премиерот.