Ние често во медиумите сме обвинувани како ЕСМ, посебно сега во енергетската криза, дека склучуваме договори во четири очи. Ова сега прв пат ќе го кажам – досега додека јас сум директор, нема ниту една јавна набавка, на која била повикана една фирма и се склучил договор во четири очи. Ова денес најодговорно ви го тврдам, пред цела јавност, рече синоќа директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, демантирајќи ги обвинувањата од опозицијата за склучување договори во четири очи.
Според него, секогаш кога се вршеле постапки, без претходно објавување на оглас, биле повикувани најмалку три фирми, некогаш 5 или 7 или 11 и секогаш имало транспарентност и конкурентност и секогаш се бирала најниската цена.
-Кога некој ве обвинува ве обвинува со четири очи и покажува со прст кон некого, тој истиот седел на моето столче и бил директор во ЕЛЕМ. Во неговиот мандат имало 44 постапки без објавување на оглас, туку постапки со преговарање. И тогаш се склучувале договор за ископ на јаглен, на јеловина и договори за помошна механизација, по 200, по 300, по 400 милиони денари. Дали тогаш не биле договори во четири очи?, прашува Ковачевски и додава:
-Не треба да се прави филм и страв кај граѓаните дека нешто се случува. Тоа се јавни набавки и ние сме акционерско друштво во државна сопственост. Ние мораме да вршиме јавна набавка, рече првиот човек на ЕСМ во гостувањето на „360“.