Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски вечерва приреди ифтар за членовите на Владата и за претставници на партиите од коалицијата, како и за претставници на Исламската верска заедница и други општествени организации, кои ја практикуваат исламската вероисповед.
Посакувајќи им добредојде, премиерот Ковачевски во своето обраќање нагласи дека му е чест да ги пречека како гости за време на празничните пости, кога семејствата и пријателите се собираат како израз на меѓусебно почитување.
-Ми претставува посебна чест што ја прифативте поканата оваа вечер да бидеме заедно во исполнувањето на вашите свети должности. Со заедничкото споделување и укажување чест во месецот кога нашите сограѓани од исламска вероисповед го празнуваат Рамазан, испраќаме порака за заедништво и подавање рака. Ова се празнични денови кои нè учат сите нас на милосрдие, добрина, давање љубов, грижа и простување кон другите, изјавил Ковачевски пред присутните.