Ковачевски-Османи: С. Македонија ќе продолжи да го поддржува членството на Косово во меѓународни организации

од Nikola Popovski
157 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Владата оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу.

На средбата беше споделена заедничка оценка дека билатералните односи се пријателски и конструктивни, со редовен и отворен дијалог, и без отворени прашања меѓу двете земји.

Беше разговарано за натамошните чекори во насока на зајакнување на заемната соработка и зацврстување на пријателството меѓу граѓаните на двете земји.

Премиерот Ковачевски упати честитки за одобрената визна либерализација на Косово и посочи дека Северна Македонија ќе продолжи и понатаму активно да ги поддржува евро-атлантските аспирации на Косово и членството на земјата во регионални и меѓународни организации.

Со цел продлабочување на соработката, беше изразена подготвеност за организирање на втора заедничка седница на владите на двете земји, каде се очекува да се потпишат нови билатерални договори во повеќе области.

Премиерот Ковачевски го изрази задоволството од фактот што Косово е значаен трговски партнер на Северна Македонија и изрази подготвеност за зголемување на економската соработка во двете насоки.

Осврнувајќи се на дијалогот меѓу Косово и Србија, премиерот Ковачевски потенцираше дека Северна Македонија ги поддржува напорите на Европската Унија во процесот и ги охрабрува двете страни за натамошен продуктивен дијалог во насока на зголемување на довербата.

Пред средбата, премиерот Ковачевски го следеше обраќањето на косовската претседателка, Вјоса Османи-Садриу во Собранието на Република Северна Македонија.

На средбата во состав на македонската делегација присуствуваа првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за правда, Кренар Лога и амбасадоркста на Република Северна Македонија во Република Косово, Шпреса Јусуфи.

Слични содржини