Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на аудиенцијата кај Папата Франциск, Светиот Отец на Римокатоличката Црква во Ватикан.
Посетата на Ватикан и средбата со Папата е една од централните активности за време на чествувањата што секоја година во Рим ги организираме по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.Тоа беше убава можност да го изразиме нашето задоволство за зголемената динамика и одличните односи со Ватикан.Имавме прилика да зборуваме за теми кои се од суштинско значење, но и од заеднички интерес за Република Северна Македонија и Ватикан. Уште еднаш посочив за огромната вредност на посетата на Папата Франциск на нашата земја во 2019 година, изјави Ковачевски.
Тој потенцираше дека соработката и признанието од страна на Ватикан е потврдена со тоа што ликовите како што е Света Мајка Тереза и Светите браќа Кирил и Методиј, кои се дел од нашето заедничко наследство, Ватикан ги прогласи за покровители на Европа.
-Отпочната е иницијатива за потпишување на договор, односно конкордат помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, со кој ќе се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и ќе се унапреди соработката во области од взаемен интерес.Од огромно заедничко значење и интерес е и натамошно унапредување на институционалната соработка меѓу Националната библиотека „Св. Климент Охридски” и Ватиканската библиотека за соработка и размена на искуства во реставрацијата, конзервацијата и дигитализацијата на материјалите на книжното наследство, како и за соработка меѓу Архивот на Ватикан и Државниот архив на Република Северна Македонија, кажа Ковачевски.