„Граѓаните треба да знаат дека Владата работи да обезбеди електрична енергија во доволни количини којашто ќе биде по цена која нема да предизвика ценовен шок, навреме се преземаат мерки и транспарентно се информира јавноста за енергетската состојба во државата“, посочи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во синоќешната емисија „Разговор во редакција“ на истражувачката лабораторија ИРЛ.
„Тоа го правиме од првиот ден до денес. Во однос на тоа дали треба уште повеќе да се комуницира, да, се согласуваме, треба. Секој граѓанин треба да знае дека сметката која ја добиваат над 600.000 домаќинства и 72.000 компании на регулираниот пазар, односно малите потрошувачи, добиваат субвенционирана цена која ја субвенционира Владата, од Буџетот. Буџет кој е граѓански, кој се полни од даноците на граѓаните и доколку не е таа субвенција, граѓаните, домаќинствата би плаќале пет пати повисока сметка за електрична енергија од таа што ја плаќаат денес. Обезбедивме топлинска енергија за Град Скопје, за 60.000 домаќинства. Тоа е обврска на државата да обезбеди цена која граѓаните можат да ја поднесат и цена која ќе можат да ја платат“, рече премиерот Ковачевски.
Во гостувањето, премиерот Ковачевски потенцираше дека од Буџетот се издвоени 5% за антикризни мерки, пакет кој е најголем во регионот за што потврда има и од Светска банка. Сите мерки се проектирани врз основа на експертски мислења, опсежни анализи и одлуки кои ги носи Владата.
„Ова не е време на изобилство, ова е време на штедење и на солидарност. Државата треба да биде таа која нема да финансира изобилство, туку ќе финансира најранливи категории на граѓани. Затоа пензионерите со најниски пензии од 11.525 денари, пензионерите до 14.000 денари ќе добиваат во наредните четири месеци дополнителна финансиска помош. Тоа се 130.000 пензионери, 41.000 наши сограѓани од најранливите категории каде влегуваат различни категории на граѓани од самохрани родители, до стечајни работници и други ќе добиваат исто така финансиска поддршка. Најсиромашните 4.000 семејства добиваат финансиски додаток за огрев или електрична енергија зависно од тоа што го користат за греење. Сè со цел да може најранливите да бидат обезбедени во текот на оваа најтешка зима која што е пред нас“, рече премиерот Ковачевски.