Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, прими делегација на Европската инвестициска банка (ЕИБ), предводена од потпретседателката Лилјана Павлова, која упати честитки и посака успешна работа на премиерот и членовите на Владата.
На средбата беше потврдена определбата за продолжување на успешната соработка на Владата и поддршката на Европската инвестициска банка во однос на реализацијата на повеќе големи проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, дигитализацијата, како и зелениот развој.
Во оваа насока беше истакнато дека продолжува соработката за поддршка на малите и средни претпријатија, кои преку Развојната банка на Северна Македонија се пласираат до фирмите преку комерцијалните банки.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за континуираната поддршка што ЕИБ ѝ ја дава на нашата земја во процесот на пристапување во Европската Унија и изрази верување дека успешната соработка ќе продолжи и во наредниот период.
Соговорниците се согласија дека од големо значење е поддршката за реализација на проектот за изградба на гасниот интерконектор со Грција и реализацијата на делницата во земјата, при што беше оценето дека инвестицијата ќе придонесе за диверзификација на енергетските извори и сигурност на снабдувањето со енергија, обезбедувајќи социоекономски развој и интеграција во енергетскиот пазар во регионот и Европската Унија.
Средбата беше искористена и за разговори во врска со реализацијата на крупните јавни инвестициски зафати во областите на патната и железничката инфраструктура и беше истакната важноста на железничкото поврзување со Бугарија, дел од Коридорот 8.
Соговорниците ја изразија подготвеноста за продолжување на соработката потенцирајќи ја поддршката на земјата и регионот за инвестиции во нови проекти.