Ковачевски по експлозиите во Полска: Да ја одржуваме територијата на НАТО безбедна и сигурна

од Nikola Popovski
101 прегледи

Висок американски разузнавач изјави дека руски проектили паднале во Полска, членка на НАТО, и дека во таа прилика загинале две лица, пренесе вчера АП. Полската влада потврди дека две лица загинале во експлозија на истокот на земјата, но не прецизираше што ја предизвикало. Варшава синоќа одлучи да ја зголеми борбената готовност.

По тој повод доцна синоќа се огласи и премиерот Димитар Ковачевски. Тој изрази сочувство до неговиот полски колега, Матеуш Моравецки и полскиот народ за загубата на двата животи во експлозијата.

-Ова е време да бидеме уште порешителни во нашата основна задача – да ја одржуваме територијата на НАТО безбедна и сигурна. Работиме заедно со сојузниците за да се соберат сите факти за овој трагичен настан, објави Ковачевски на својот официјален Твитер профил.

Шефот на кабинетот на полскиот претседател Павел Шрот објави дека полскиот претседател одлучил за денеска да свика состанок на Советот за национална безбедност.

Претходно полскиот претседател Анджеј Дуда разговараше за ситуацијата во врска со падот на ракети на полска територија со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.