Премиерот Димитар Ковачевски денеска од заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ нагласи дека различни партии од земјава предлагаат различни модели за Уставот, поради што е потребно за ова прашање да се дискутира на експертско ниво за да се изработи предлог кој што одговара на македонското општество.
„Јас не кажав ниту дали сум за нешто за, ниту дали сум за нешто против. Јас сум за тоа да донесеме уставни измени со кои што ќе ги отвориме кластерите после ноември и до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ, со заштитен македонски јазик, со македонски идентитет и со македонска култура која што ќе ја збогати културата на ЕУ и на сите европски народи“, рече премиерот Ковачевски за предлогот околу устав по хрватски модел.
Тој потенцираше дека обврска на сите политички партии е исто како што било обврска на сите политички партии во Хрватска, кога пристапувала во ЕУ, е да ги поддржат стратешките одлуки на држава и тие да не станат предмет на дневно политичка борба.
Премиерот го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба бидејќи ставовите на политичките партии се веќе познати.
Според него, лидерска средба не е институционален формат на носење конкретни решенија, туку тоа е формат на којшто секој ги кажува своите политички ставови во однос на одредено прашање и политичките ставови ние таму како политичари, претседатели на парламентарни политички партии ги слушнавме.