Ковачевски да се врати во Македонија и да не ја срами државата на отворена сцена, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ откако владина делегација денеска во Белград потпиша Меморандум воспоставување брза пруга од Ниш до Скопје.
Од партијата велат дека „Ковачевски потпишува меморандуми за брза пруга, а дома нема еден функционален воз кој му се сообраќа во Македонија“.
-Не може Ковачевски да зборува за непринципиелности од страна на Бугарија, бидејќи кога сите тоа му го говорат во Македонија тој ги обвинува за антиевропско однесување.Ковачевски помалку да патува со цели свити и да арчи народни пари за да учествува на вински саеми, повеќе да се концентрира на работите во Македонија, стои во партиското соопштение од „Белата палата“.
Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ и македонскиот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, го потпишаа Меморандумот за изградба на брза пруга од Ниш до Скопје, за што двете земји заеднички ќе бараат средства од Европската унија.
Пругата ќе се модернизира и електрифицира за брзина од 120 километри на час. Како што претходно посочи српскиот министер, во тек е проектирањето на делницата Ниш – Прешево, долга 135 километри, а македонските партнери ќе проектираат околу 50 километри од границата до Скопје.
Ова е само дел од големиот проект, кој се спроведува во рамките на „Отворен Балкан“ и со кој Македонија треба да фати приклучок кон железничкиот коридор Будимпешта – Белград – Ниш – Скопје. Во перспектива, релацијата Скопје – Белград ќе се минува за три часа, односно возовите од Белград до Ниш ќе се движат со брзина од 200 километри на час, а од Ниш до границата со Македонија – од 120 до 160 километри на час.