Ковачевски: Пратениците ќе одлучат дали ќе ја пропуштиме оваа шанса за ЕУ и да донесеме дома европски квалитет на живот

од Nikola Popovski
241 прегледи

Не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа и да донесеме европски квалитет на живот дома. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска која веќе 10 години е членка на Унијата. Дали ќе се случи истото годинава, вие ќе одлучите во Парламентот, вака премиерот Димитар Ковачевски им порача на пратениците на собраниската Комисија за уставни прашања, на која што на дневен ред се уставните измени.

Ковачевски порача и дека европските претставници предупредуваат дека постои ризик од раздвојување на Албанија од Македонија доколку до крајот на годината не се случат уставните измени.

Тоа значи дека уставните измени не се ничиј диктат или поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка со ЕУ. Ова е неповторлив момент кога со ЕУ имаме заеднички интерес и не треба да го пропуштиме бидејќи прашање е дали би го имале повторно и кога, кажа премиерот.

Вистината е дека, продолжи Ковачевски, нема да има подобар, нов договор и нема да има друга преговарачка рамка.

Ова не го велам јас или владата, туку го вели ЕУ. Добрососедските односи се дел од сите пристапни процеси бидејќи интерес на Унијата е да има добрососедски односи заради стабилноста и економијата, појасни премиерот, додавајќи дека ЕУ е најголем донатор во нашата земја и општо Западен Балкан.

Премиерот истакна и дека не е присутен на седницата на Комисијата за да убедува, туку да посочи на значењето на стратешката шанса и да повика на разум во име на перспективите.

Измината година од опозицијата се слушаа гласови за катастрофи, апокалипси и пропасти и ништо не се случи. Немаше асимилација или бугаризација. Да не се плаши народот со измислени сценарија, туку заради државата разумно и совесно да се делува. Одлуката е ваша, на пратениците и само ваша, рече меѓу другото Ковачевски во своето 30-минутно обраќање.

Слични содржини