Ковачевски пред средбата на лидерите на Западен Балкан: Местото на регионот е во ЕУ

од Nikola Popovski

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа ги прими лидерите од регионот на работна вечера пред нивната утрешна средба со претставници на САД и ЕУ посветена на Планот за раст за Западен Балкан усвоен од Европската комисија. Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ го откажа учеството поради, како што наведе, „непредвидени обврски“.

Ковачевски на социјалната мрежа „Х“ посочи дека неговите гости ги потврдиле ставовите за интеграцијата на регионот во ЕУ.

„Во пресрет на утрешната средба на лидерите во Скопје, посветена на Планот за раст за Западен Балкан усвоен од Европската комисија, вечерва во пријателска атмосфера со лидерите на земјите од Западен Балкан, ги потврдивме ставовите за интеграцијата на регионот во ЕУ“, објави синоќа премиерот.

Тој оцени дека во ЕУ место имаат сите земји од регионот.

„Местото на сите држави од регионот е во ЕУ и го имаме потребниот лидерски потенцијал да донесеме храбри одлуки за подобра иднина. На сите нас – и во Западен Балкан и во Европа – ни треба единство и стабилност“, заклучи Ковачевски.

На утрешната средба нема да присуствува претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, поради, како што наведе, „непредвидени обврски“.

„Всушност, морав да ја откажам претходно прифатената покана на премиерот на Северна Македонија поради непредвидени обврски. Имајќи ја предвид важноста на настанот, Кабинетот на претседателот испрати писмо до Министерството за надворешни работи на 17 јануари 2024 година со предлог на конференцијата да учествува и претставник на Владата на Црна Гора. Тогаш Владата на седницата одржана на 18 јануари 2024 година го прифати мојот предлог и утврди соодветно ниво на застапеност на државата на споменатиот настан“, напиша Милатовиќ на платформата „Х“.

 

Слични содржини