Премиерот Димитар Ковачевски од граничниот премин Табановце, во присуство на српската премиерка Ана Брнабиќ, истакна дека иницијативата „Отворен Балкан“ работи на забрзување на протокот на луѓе, стоки и услуги и на капитал.
„Премиерката кажа дека благодарение на оваа иницијатива, трговската размена меѓу двете држави е зголемена над 25% од нашата страна на 50% е зголемен извозот кон Србија. Исто така и од Србија е зголемен извозот кон Северна Македонија“, кажа Ковачевски.
Премиерот потенцира дека бројот на туристи кои во текот на изминатите две години доаѓаа во нашата држава е за 500% поголем од пред воспоставувањето на иницијативата Отворен Балкан.
„Она што следува е воспоставување на софтверското решение за непречена размена на работници, да може секој да дојде да се регистрира преку единствен софтвер и во Србија и во Северна Македонија и во Албанија без административни процедури кои денес траат по три месеци. Ние ќе работиме уште повеќе на зголемувањето на размената. Македонците сакаат српски производи, Србите сакаат македонски производи и за таа цел мешовитата трговска комисија ќе работи на то поголемо зближување и на компаниите, отворање на двата пазари и тргање на сите бесцарински бариери кои во моментов ги има, а кои во текот на минатата година ги намаливме“, нагласи Ковачевски.