Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Киев се сретна со албанскиот премиер Еди Рама и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, по што одржаа заедничка прес-конференција.
Претходно на средбата преку видео-врска се приклучил и премиерот Димитар Ковачевски. Македонскиот премиер не одлета со неговите колеги од Западен Балкан, поради набиена агенда и одржувањето на Преспа форумот за дијалог во Охрид.
На средбата било посочено дека Црна Гора, Албанија и Северна Македонија ја поддржале иницијативата Украина да го добие бараниот статус на земја кандидат за членство во Европската унија.
Премиерите на Црна Гора и Албанија денеска го посетиле главниот град на Украина Киев и поширокиот дел од регионот на Киев, вклучително и Буча.
– Меѓународните партнери продолжуваат да ја поддржуваат Украина. И ова е важен показател за помагање на нашиот народ. На овој европски пат нашите земји не се конкуренти, туку држави кои делуваат комплементарно и ги зајакнуваат заедничките капацитети, кажал Зеленски.
Претседателот на Украина им се заблагодарил на Рама и Абазовиќ за продуктивните разговори, а потоа истакнал дека е важно неговата земја да има поддршка од земјите членки на НАТО.
Црногорскиот премиер Абазовиќ изјавил дека Украинците се борат за принципите и можноста за избор на начин на живот и дека Украина треба да стане дел од европското семејство во согласност со желбите на своите граѓани.