Ова беше барање на трговците и угостителите бидејќи новогодишните и божиќните празници секогаш се период кога граѓаните сакаат да купат подароци. За тргвоците тоа е добра можност да направат повеќе промет. За работниците во трговијата секогаш е добра можност да остварат подобар приход. Тие ќе бидат платени согласно Законот за работа во неработни денови и недела, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој беше запрашан во врска со вчерашната одлука на Владата, според која се препорачува, за време на новогодишните и божиќните празници, односно на деновите 31 декември 2023 година и 1 јануари 2024 година, како и 7 јануари и 8 јануари 2024 година, да работат продавниците, штандовите и киосците коишто вршат трговија на мало.
Премиерот смета тоа дека не би претставувало проблем бидејќи, како што истакна, секој работодавец сака да ги има своите работници како задоволни, од кои што на крајот на денот зависи и работењето на компанијата.
-Пазарните инспектори ќе бидат на терен, така како што им е планот за работа.
Според Владата, Целта на оваа препорака, како што беше образложено од предлагачот, Министерството за економија, е да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните за време на празниците, посебно во помалите градови и места каде нема трговски центри (молови).
Исто така, како што е образложено, за време на новогодишните и божиќните празници е зголемена посетеноста од страна на туристи низ целата држава, поради што има и потреба да се овозможи да пазаруваат, а со што ќе допринесат во растот на потрошувачката во државата.