Ковачевски пристигна во Молдавија, пречекан од претседателката Санду

од Nikola Popovski
300 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски пристигна во главниот град на Молдавија, Кишињев, каде што ќе присуствува на вториот Самит на Европската политичка заедница.

-Топло добредојде од претседателката на Молдавија, Маја Санду, на вториот Самит на Европската политичка заедница кој нѐ собира сите на исто место во вистински момент.

Изминатава година и руската брутална инвазија врз суверена и независна Украина многу јасно ни покажа дека земјите од слободниот демократски свет имаат заеднички безбедносни, економски и енергетски предизвици. Но исто така и дека само заеднички и обединето можеме да се справуваме со истите, доколку сакаме да имаме успех.

Како земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и фактор на стабилност во регионот, посветени сме и ќе продолжиме да се залагаме за заедничките демократски вредности на мир, дијалог и напредок, објави премиерот на социјалните мрежи.

На самитот на Европската политичка заедница ќе учествуваат 47 лидери, меѓу кои лидерите на 27 земји членки на ЕУ, како и земјите од Западен Балкан, Ерменија, Азербејџан, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Норвешка, Швајцарија, Турција, Украина, Велика Британија, Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент и други.

Премиерот Ковачевски покрај своето учество на тркалезната маса на тема енергетика и поврзаност, ќе оствари и неколку билатерални средби меѓу кои со претседателката на европскиот парламент Роберта Мецола, премиерката на Данска Мете Федериксен, домаќинот премиерот на Молдавија Дорин Речан.

Програмата содржи паралелни тркалезни маси на кои ќе се одвиваат дискусии поврзани со актуелните прашања поврзани со обезбедувањето на клучната инфраструктура; засилување на борбата против сајбер нападите, изработка на заедничка, паневропска енергетска политика и разгледување на можноста за повеќе универзитетски и студентски размени.

Слични содржини