Ковачевски: Прославата на Националниот ден на Србите е сведоштво за заедништвото во земјата што го градиме низ вековите

од Nikola Popovski

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва се обрати на свечената академија по повод националниот ден на Србите во Република Северна Македонија.

На свеченоста на која присуствуваа министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник во Собранието на Северна Македонија, господин Иван Стоиљковиќ, пратеникот во Собранието на Северна Македонија, Мирослав Јовановиќ, министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, и претседателката на Националниот совет на Србите во Северна Македонија и претседателка на организациониот одбор за одбележување на националниот ден на Србите во Република Северна Македонија, госпоѓа Гордана Јовиќ Стојковска, претседателот на Владата на Северна Македонија Ковачевски им го честиташе празникот Национален ден на Србите во нашата земја кој секогаш се слави на денот на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ – Свети Сава.

0Ми претставува особена чест што имам можност од оваа свечена академија да го честитам Националниот ден на Србите во нашата земја. Овој ден е посветен на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ – Свети Сава. Најсрдечни честитки по повод празникот им упатувам и на нашите ценети гости од Република Србија и Република Српска и на граѓаните што тие ги претставуваат.

Свети Сава е втемелувач на самостојната српска православна црква и нејзин прв архиепископ. Тој е просветител, основач на училишта и болници, дипломат, пишувач на првите закони во државата српска. Свети Сава е посредник и помирител меѓу раскараните браќа и народи, изјави Ковачевски.

Според премиерот, ликот и делото на Свети Сава инспирираат и осум века после неговата смрт.

-Неговата саможртва да се откаже од земските блага и да го прифати православното христијанство како негов личен живот, направија Свети Сава да им припаѓа на сите Христијани, без разлика на тоа во кои државни граници живеат. Затоа кога велиме дека неговото дело инспирира, пред нас ја имаме и нашата определба. Определбата на граѓаните на Република Северна Македонија, да градиме и негуваме општество еднакво за сите.
Граѓанско, едно општество за сите, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебната почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја. Признавањето на етничките, националните, верските и културните разлики е посебноста и суштината на нашето заедништво. Во тоа наше заедништво што го градиме низ вековите и што го негуваме денеска, свој значаен придонес има и српската заедница во Северна Македонија, изјавил Ковачевски.

Слични содржини