Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска повика на достоинствено одбележување на роденденот на Гоце Делчев и повторно истакна дека „МВР и Владата ќе го овозможат тоа“.
-Сите оние кои што се недобронамерни, кои што се провокатори, кои што го негираат македонскиот народ, кои што ја негираат македонската држава, кои што ги нарушуваат чувствата на Македонците и на другите граѓани, тие нема да влезат во државата, порача Ковачевски во својата изјава.
-Сакам да апелирам до сите оние патриотски здруженија и слични кои сакаат да го искористат овој настан за провокации, бидејќи во изминатиот период имаше провокации од поединци и групи, со цел да се нарушат односите и атмосферата во државата и односите со соседните земји, да се воздржуваме и да не ги користиме ваквите настани за создавање несакани ефекти во нашето општество. Огромното мнозинство наши граѓани сакаат достоинствено и мирно одбележување на роденденот на Гоце Делчев и МВР нема да дозволи поединци и слични групи да го спречат тоа, рече Ковачевски.
Тој повторно посочи дека согласно заклучоците на Советот за безбедност до претседателот Стево Пендаровски и согласно одлуките на Владата, Министерството за внатрешни работи е надлежно да обезбеди мирно и достоинствено одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и ќе се спроведат сите законски процедури.
Министрите за надворешни и внатрешни работи Бујар Османи и Оливар Спасовски претходно денеска повикаа на мирно одбележување на 4 февруари, а синдикатот на полициските службеници во земјава ги повика колегите „доследно да си ја вршат работата и работните задачи во согласност со законските одредби на Република Северна Македонија, да не го нарушуваат доброто име на институцијата во која работат и да не подлегнуваат на провокации од активисти на политички партии и други групи“.
Од почетокот на неделата засилено полициско присуство има околу црквата „Свети Спас“, а околните улици се затворени од вчера од 18 часот.