Ковачевски стана првиот македонски премиер кој зборувал пред Советот за безбедност

од Vladimir Zorba
298 прегледи

„Преку култура на отворен дијалог Северна Македонија 30 години по осамостојувањето е земја пример за решавање на отворени прашања и дома и со соседите. Изминативе 30 години ние донесовме многу тешки одлуки. Тешки, но визионерски и храбри одлуки, кои ни овозможија денес да сме земја членка на НАТО и да имаме отпочнати преговори со Европската Унија со заштитен и признат македонски јазик, идентитет и култура. Од земја која пред 30 години беше домаќин на мировни мисии, денес сме фактор на стабилност и домаќини на преговори меѓу други земји“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање, како прв македонски премиер на отворената седница на високо ниво на Советот за безбедност при Обединетите Нации.

Тој додаде дека културата на дијалог како единствен начин за надминување и на најсериозните предизвици е изградена при прогласувањето независност на Македонија и избегнувањето на воените судири во регионот.

„Нашиот прв претседател на Републиката, Киро Глигоров, во тешките години на војни на просторот на поранешна Југославија, со својата мудрост, одговорност и посветеност на мирот овозможи мирно осамостојување и меѓународно етаблирање на Северна Македонија, како независна и суверена држава. Во време на војна во најблиското соседство, ние имавме сопствена, национална агенда за мир која нужно подразбираше обезбедување на внатрешен консензус, но и тесна соработка со ОН, како и со регионалните организации, пред се ОБСЕ и ЕУ. На тој начин се создадоа предуслови за успешната превентивна мисија – УНПРЕДЕП. Се спречи прелевањето на конфликтот, беа сочувани мирот и стабилноста, а со тоа спасени безбројни животи и спречени непотребни разурнувања“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека неопходно е сега да се засили довербата во институциите, во ОН и во правдата и да бидиме водени од принципите на Повелбата на ОН, мирното решавање на конфликтите, како и солидарноста.

„За жал, денес сме многу далеку од остварувањето на таквата визија. Руската воена агресија врз Украина, која се уште трае, до таа мерка ги смени глобалните односи што итно се наметнува потребата од повторно препознавање на нашата референтна правна рамка, донесена од страна на основачите. Нивната јасна намера била избегнување на ужасите од војната“ рече Ковачевски.

Слични содржини