Премиерот Димитар Ковачевски денеска на заедничка прес-конференција со лидерите од Западен Балкан ги повика инвеститорите од Норвешка да инвестираат во капацитети за обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан кои располагаат со изобилство на сончеви денови, вода и ветер, но и се фокусирани на спроведување на плановите за трансформација на енергетскиот систем.
-Ова е одлична можност да се искористат ресурсите од зелена енергија со кои располагаме ние земјите на Балканот, но истовремено и одлична можност целиот регион да се развива како нова енергетска сила. Овој регион во изминатите 30 години беше предмет на поделби, на несогласувања. Меѓутоа во изминатиот период особено во изминатите 2 години, овој регион стана регион на соработка и регион на добрососедски односи. Секаде повторувам дека единствен начин да се преброди било која криза и да се изгради вклучително и енергетска независност и диверизфикација е можно единствено низ регионална соработка со оглед на големината и обемот на инвестиции кои што треба да се прават. Инвестиции кои поединечно ниту една држава не може сама да ги направи, рече Ковачевски.
Тој изјави дека владата на Република Северна Македонија како ниеднаш до сега вложува во енергетиката и во проекти кои на среден и долг рок ќе носат само бенефит.
Ковачевски рече дека Република Северна Македонија и Република Србија работат интензивно на наоѓање решение за обезбедување на поевтина струја за нашето стопанство.
-Посветени сме на енергетската транзиција на земјата, затоа што знаеме дека тоа е иднината и за енергетска независност, но и за заштита на животната средина. Исто така сакам да порачам на странските инвеститори дека Северна Македонија успеа да го деблокира патот кон Европа, да влезе во НАТО и да создаде Отворен Балкан што ја става Северна Македонија во сосема поинаква позиција од онаа што беше само пред пет години, потенцира премиерот.
Ковачевски меѓу другото изјави дека во моментот во фаза на преговарање се неколку Договори за стратешки инвестиции за инсталиран капацитет од еден гигават, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи, како и комбинирана гасна централа и тоа со реномирани големи европски компании, од Франција, Германија и Грција.
-Ни претстои тешка зима на сите нас, на целиот регион и на цел Европски континент. Но убеден сум дека со солидарност и со соработката, почитта и со другарството кое го покажавме помеѓу нас, тука присутни, дека така најлесно ќе ја пребродиме оваа криза. Од оваа иста говорница и јас и претседателот на Србија зборувавме за нашите напори да ги искористиме вишоците на гас кои ги има Србија, а со оглед на тоа што во Северна Македонија постои гасна централа со капацитет од 205 мегавати, да направиме договор во којшто гасот по подобра цена од онаа која беше во моментот на највисоките цени на светските берзи ќе биде донесен до Северна Македонија. Тука ќе биде произведена електрична енергија која потоа ќе биде поделена помеѓу Северна Македонија и Србија, истакна премиерот во своето обраќање на денешната прес-конференција во Белград.
Претседателот на Србија Вучиќ потврди дека двете земји се блиску до решение за обезбедување поевтина струја за македонското стопанство.
„Блиску сме до договор со Димитар, ние имаме некои можности во овој момент и со нашиот братски народ во Северна Македонија, секогаш се ќе поделиме. За нас, тоа е во ред. А за Северна Македонија мислам дека тоа е добро и сметам дека тоа е добра вест за луѓето во Северна Македонија. Но и за поширокиот регион да направиме договор околу нивната гасна електрана. Ќе продолжиме да работиме. Работите не се лесни. Ги предвидовме и повисоките цени и подготвени сме. Луѓето не треба да се грижат“, рече претседателот на Србија, Вучиќ.