Ковачевски разговараше со Зеленски и најави посета на Украина

од Nikola Popovski
120 прегледи

Владата попладнево информира дека премиерот Димитар Ковачевски денеска остварил телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според соопштението, претседателот на Владата ја пренел поддршката од земјава за Украина во овие тешки времиња.

-Премиерот ја пренесе поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во бруталната неоправдана и непредизвикана воена агресија која Русија ја врши врз Украина.

„Војната која Русија ја започна пред речиси една година е флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата која Русија ја врши е за најсилна осуда, бидејќи освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија“, истакна премиерот Ковачевски.

Во разговорот беше разговарано и за досегашната помош и поддршка која Северна Македонија ја обезбедува за Украина. Претседателот Зеленски ја истакна благодарноста до македонскиот народ за сета досегашна помош и поддршка. Северна Македонија и како НАТО членка ќе продолжи со помош за Украина на сите потребни начини.

Посебен фокус на разговорот беше развојот на настаните на воениот фронт како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната. „Како премиер на земја претседавач на ОБСЕ, ќе ја посетам Украина“, нагласи премиерот Ковачевски, соопштија од прес-службата на Владата.

Минатата година во јуни месец, Зеленски во Киев се сретна со премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, а на средбата преку видео врска се приклучи и Ковачевски.