Ковачевски реагирал до ЕК: Таксата од Бугарија за рускиот гас ќе значи поскапување на струјата и парното

од Nikola Popovski
270 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски реагирал до Европската комисија за воведените такси од Бугарија за транзитот на рускиот гас до нашата земја. Според него, таксата не треба да биде воведена, со оглед дека вкупниот капацитет на влезната страна кон Македонија е даден од Бугарија на Газпром, што значи дека ваквата такса ќе предизвика зголемување на цената на струјата и парното за 20%.

-Затоа побаравме да се ослободи капацитет за земјава да набавува гас од други извори. Се водат разговори на ниво на ЕУ и со Бугарија, за да може да биде направено, информира денеска претседателот на Владата.

Ковачевски истакна дека за ова разговарал со шефицата на ЕК, Урсула Фон дер Лајен која беше во посета на земјава пред два дена.

-Нема да се откажеме да бараме ослободување на капацитетите и нема да се откажеме да бараме да не важи таксата, затоа што се работи за неправедно наметната и нема ништо заедничко со директивите на ЕУ, иако треба тоа ќе го направиме и пред меѓународни судови, додаде премиерот.

Слични содржини