Ковачевски: Се олеснува и забрзува протокот на луѓе, возила и стоки на граничниот премин Табановце-Прешево

од Nikola Popovski
103 прегледи

Одличната соработка помеѓу двете држави носи квалитетни решенија во различни кризи, што за нас е голем стимул уште посилно да се вложуваме за стабилен и просперитетен Западен Балкан. Северна Македонија покажа дека не отстапува од стремежите да ги оствари своите стратешки цели како во одржување на добрососедските односи, така и во посветеноста за членство на земјата во Европската Унија, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во Белград, каде денеска е во дводневна посета и средба со српскиот државен врв.

Ковачевски потенцираше дека фокусот на Владите мора да остане Европската Унија, бидејќи земјите од Западен Балкан таму припаѓаат.

Во рамки на официјалната посета беа потпишани неколку билатерални документи. Како што истакна Ковачевски, граѓаните и бизнис заедниците веќе ја чувствуваат користа од она што го понудија владите преку сите овие иницијативи.

„Поврзувањето на земјите е за поголем развој на нашите економии, да обезбедиме заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања, без бариери, без граници, а со таквиот долгорочен развој овозможуваме подобар живот за сите граѓани. Посебно ме радува што предмалку беа потпишани неколку билатерални документи од страна на двете влади, кои што произлегуваат од потпишаните договори за Отворен Балкан.

Првиот Меморандум за соработка е потпишан меѓу двете министерствата за внатрешни работи и се однесува на олеснување и забрзување на протокот на луѓе, возила и стоки на граничниот премин Табановце-Прешево; Вториот се донесува на вмрежување на системите за електронска наплата на патарините; Третиот се однесува на соработката во рударството и енергетиката, што значи размена на искуства и активности за развој на соработка и деловни односи во областа на рударството и енергијата”, изјави Ковачевски.