Ковачевски се сретна со Ќучук: Да покажеме добра волја од двете страни за надминување на разликите

од Nikola Popovski
232 прегледи

Известувачот на ЕП за С. Македонија и европратеник од Бугарија Илхан Ќучук денеска се сретнал со премиерот Димитар Ковачевски, кој е во прва официјална посета на Брисел по преземањето на функцијата, соопштија од кабинетот на европратеникот.

Ковачевски е во дводневна посета на седиштето на ЕУ и НАТО во Брисел заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Во фокусот на разговорите меѓу Ковачевски и Ќучук биле враќањето на довербата и дијалогот, процесот на европска интеграција на С. Македонија и иницијативите за културна и образовна размена меѓу земјите.

-Важно е сите нас да го направиме процесот помалку емотивен, попрагматичен и податлив. Да покажеме добра волја од двете страни за надминување на разликите за да можеме да ја насочиме нашата енергија на економскиот и социјалниот развој. Појдовна точка во разговорот мора да биде интеграцијата и заедничката визија за нашата иднина, рече Ќучук.

Димитар Ковачевски изразил надеж дека обновените односи меѓу земјите ќе доведат до позитивни резултати. Според него, на граѓаните на двете земји им стана јасно дека се прават многу напори за продолжување на дијалогот и зајакнување на добрососедските односи и овој процес не треба да запре.

Европратеникот зборувал за поддршка на соработката на медиумско, универзитетското и бизнис ниво во последните месеци, велејќи дека добрите примери ги зближуваат народите и ги елиминираат националистичките идеи. Според него, врската треба да се продлабочи на ниво на универзитети и образовни центри, кои заедно треба да ги подготват младите за предизвиците на утрешниот ден, соопштија од Кабинетот на Ќучук.

Слични содржини