Ковачевски се сретна со Пајат, изразил благодарност за севкупната поддршка што земјава ја добива од САД

од Vladimir Zorba
248 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на свечената церемонија на започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи, оствари средба со амбасадорот на САД во Грција Џефри Пајат, како и со амбасадорката на САД во Северна Македонија Кејт Мари Брнз.

На средбата присуствуваа и министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за економија, Крешник Бектеши.

На средбата со фокус на енергетско-економските иницијативи, премиерот Ковачевски изрази благодарност за севкупната поддршка што Северна Македонија ја добива од САД во континуитет како и за важноста од стратешкиот енергетски проект за целиот регион.

Ковачевски и Пајат разговараа за важноста од развојот на регионалниот енергетски проект „Александруполи” со што се отвора можноста за сигурно и безбедно снабдување со природен гас од различни добавувачи, диверзификација на изворите и пат за Северна Македонија и регионот да станат енергетски независни.

Ковачевски ги информираше амбасадорите Пајат и Брнз за актуелните економски процеси во Северна Македонија, за сите актуелни мерки кои Владата ги презема за ублажување на последиците од енергетската криза, предизвикана од воената агресија врз Украина како и за плановите за економски развој на среден и долг рок со фокус на инвестициите во успешна енергетска транзиција.

Пајат изрази силни заложби за интензивираното стратешкото партнерство, за важноста на денешниот настан на почетокот на изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи, кој претставува уште еден огромен придонес во јакнењето на регионалната соработка и во градењето на добрососедски релации.