Ковачевски: Северна Македонија е пример за функционална мултиетничка држава и претставува фактор на стабилност на Западен Балкан

од Nikola Popovski
116 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамките на Генералната дебата во ООН во Њујорк учествуваше и се обрати на Состанокот по повод 30 години од Декларацијата за правата на малцинствата.

„Цврсто сум уверен дека унапредувањето на едно право, што не загрозува друго право, може само да ѝ користи на една држава што е посветена кон мирен развој. Мирот никогаш не треба да се гледа како крајна дестинација. Мирот е пат со многу кривини; мирот се добива со заедничко чекорење по овој пат во секојдневието; тоа е пат по кој луѓето кои живеат во населба, во заедница, во општина, во држава, треба да го врват заеднички; тоа е пат на кој треба да напредуваме во заедништво, сите ние тука во оваа просторија, сите низ целиот свет, порача премиерот.

Според него, Република Северна Македонија, која денес е пример за функционална мулти-етничка држава и претставува фактор на стабилност на Западен Балкан што најмногу се должи на концептот „Едно општество за сите“ кон кој се стремиме и го спроведуваме без предрасуди.

-Ова е концепт заснован на начелото на еднакви права и должности за сите граѓани, начело што Владата и поголемиот дел од граѓаните на Република Северна Македонија го поддржуваат. Овие граѓани се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други граѓани кои живеат во Република Северна Македонија и кои според највисокиот законодавен документ, нашиот Устав, имаат еднакви слободи и права, без разлика на нивната национална, етничка, верска или друга припадност, истакна Ковачевски.

Тој порача дека нашиот образовен систем гарантира и нуди образование за лицата што припаѓаат на етничките заедници на нивниот мајчин јазик, на сите нивоа на образованието, почнувајќи со основното.

-Со нашите политики за еднаквост го зацврстивме сврзувачкото ткиво на нашето општество и го отворивме патот за дискусија по прашања кои се од вистинска важност за граѓаните – нивното постоење и животен стандард, бидејќи тоа ни е заедничкиот јазик на сите нам, на сите наши граѓани.

Со оглед на тоа дека сме цврсто и целосно посветени на Агендата 2030 и начелото „никој да не биде изоставен“, усвоивме Национална стратегија со која се елаборира концептот „Едно општество за сите и интеркултурализам“ засновани на партиципативна демократија, што од своја страна, ги консолидира процесите за инклузивност во државата, а тоа е квалитетот по кој мојата држава е препознатлива во регионот, во ЕУ и низ светот.

Секако, пред 21 година минавме низ сложен процес кога се постигна Охридскиот рамковен договор кој понуди решенија за отворените меѓуетнички прашања. Денес, овој Договор е пренесен во Уставот. Со тоа ние искрено покажуваме дека целосното уживање на човековите права од страна на малцинствата, во согласност со меѓународното право, може да се постигне само преку активни политики и стратешки планови што ги развиваме во соработка со секторот на граѓанското општество, рече Ковачевски во своето обраќање.