Ковачевски со честитка за Божиќ: Раѓањето Христово е симбол за нов почеток, за нови можности што носат добро за сите!

од Vladimir Zorba

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во чест на големиот христијански празник, Рождество Христово – Божиќ, во име на Владата и во свое име, упати телеграма со честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски синод, свештенството и монаштвото и до сите граѓани кои денеска празнуваат.

„Раѓањето Христово – Божиќ, секоја нова година, симболизира нов почеток и со тоа отвора нова можност, поискусни, помудри и со чисти мисли да пристапиме кон нови добри дела, што носат добро за сите. Само солидарни, истрајни во вербата и со храбри чекори напред, како што покажува и Христовото дело, можеме да го постигнеме посакуваниот спокој и да осигуриме просперитет.

Божјата светлина нека засвети во сечие срце. Нека поттикне љубов, почит, грижа и разбирање дека на секој човек му се дадени овие универзални вредности, преку коишто може, треба и има лична одговорност да учествува во создавањето перспективен свет за сегашните и иднинте генерации.

Овој празник нека ги осветли со надеж и со радост сите домови.

Посакувам празничните денови да ги поминеме во добро здравје, меѓу саканите, во мир и благослов.

Христост се роди! Честит Божиќ!”, напиша премиерот Ковачевски во телеграмата до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.Стефан.

Слични содржини