Ковачевски: Со магистралниот пат Куманово – Страцин го развиваме регионот, ја поврзуваме државата и стануваме клучен транзитен центар на Балканот

од Nikola Popovski
180 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод официјалното пуштање во употреба на магистралниот пат Куманово – Страцин.

Оваа патна делница, која е дел од Коридорот 8, е реконструирана во вкупна должина од 31.2 километри, а вкупната вредност на реконструкцијата изнесува околу 12 милиони евра.

„Со пуштањето во употреба на магистралниот пат Куманово – Страцин, инвестиција вредна 12 милиони евра, го реализираме зацртаниот проект за реализација на Коридорот 8 на патниот правец исток – запад. Вкупната должина на патната делница Куманово – Страцин е 31,2 километри и се рехабилитира за прв пат после повеќе од 32 години што значи дека во независна Република Македонија, во Република Северна Македонија овој пат никогаш досега не бил рехабилитиран, никогаш не бил проширен и никогаш не изгледал така како што изгледа денес“, нагласи премиерот Ковачевски на настанот.

„Истокот и североистокот, кои многу години беа заборавени, ги развиваме со модерна патна инфраструктура. Покрај овој магистрален пат, токму во овој регион интензивно се извршуваат градежните работи на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, каде што дополнително со реконструкцијата и проширувањето со дополнителна трета лента до граничниот премин Деве Баир со Бугарија, на источниот крак ќе имаме комплетен патен Коридор 8. Значи од најлошиот пат во државата кој водеше од Куманово до границата со Бугарија на Деве Баир сега ќе имаме модерен магистрален пат по кој ќе се вози и побрзо и побезбедно. Овој инфраструктурен проект ќе ја направи нашата земја клучен транзитен центар на Балканот и ќе придонесе за економско јакнење на целиот регион. Проектите за заживување на овој регион кои досега беа само на хартија, ги претвораме во реалност. И сето тоа е видливо на терен“, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот истакна дека Коридорот 10д и Коридорот 8 се најголемиот инфраструктурен проект во државава, а сега со потпишувањето на Анексот на Договорот со ЕУ и Коридорот 8 веќе е дел од мрежата на трансевропски коридори.

„Со оваа одлука на Европската Унија, со изградбата на Коридорите 8 и 10д, нашата држава од кружен тек, станува централна крстосница на Балканот, и се позиционира на сообраќајната и економската карта на Европа. Со изградбата на овие два коридори, за прв пат како држава воспоставуваме модерна патна врска кон запад и исток, а не како досега само север и југ. Се поврзуваме со две пристаништа: едното во Бургас, Република Бугарија и другото во Драч, Република Албанија. Дополнително, веќе потпишавме меморандум со Владата на Албанија дека по изградбата на новото пристаниште Порто Романо ќе биде овозможено и изградба на суво пристаниште во Струга, што дополнително ќе претставува олеснување за сите компании кои тргуваат во земјата, но и за земјите од централа и југоисточна Европа“, нагласи премиерот Ковачевски.

Со изградбата на двата Коридори 8 и 10д, како што рече премиерот, предвидени се нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните пет години, како и нови бизниси и можности за домашните компании.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на настанот истакна:

„Мапирањето на Коридорот 8 како еден од главните европски коридори кои минуваат низ Западниот Балкан е резултат на нашите силни напори и заедничките заложби што ги имавме со соседите од регионот, но и нашата огромна посветеност во реализација на инфраструктурните проекти. Се наоѓаме на источниот крак на Коридорот 8 каде ја завршивме рехабилитацијата на државниот пат од Куманово до Страцин во должина од 31 километар. Во овој проект ја вклучивме и рехабилитиравме и обиколницата на Куманово која беше во крајно лоша состојба“, рече министерот Бочварски, дополнувајќи дека работат на подготовка на проект за изградба на нов експресен пат од Куманово до Ранковце, за што веќе е аплицирано за поддршка преку ИПА 3 програмата.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми појасни дека реконструкцијата на делницата Куманово – Страцин се одвивала во две фази, а изведбата оцени дека е квалитетна.

„Овој патен правец е од исклучителна важност, најнапред за граѓаните коишто гравитираат во овој регион и кои секојдневно отсега ќе можат да ги уживаат придобивките на една безбедна и сигурна модерна сообраќајница. А, потоа и за сите наши граѓани и патници, затоа што оваа патна делница економски, политички и општествено нѐ поврзува со соседна Република Бугарија.

Задоволството е уште поголемо и заради фактот што оваа делница е дел од Коридорот 8, со што слободно можам да констатирам дека успешно модернизиравме патна делница којашто е дел од европската коридорска патна мрежа“, рече директорот Рустеми, оценувајќи дека со овие активности, уште еднаш се демонстрира определбата на Владата и на Јавното претпријатие за државни патишта за реализација на амбициозна програма за изградба, модернизација, реконструкција и рехабилитација на патната мрежа низ целата држава.

Слични содржини