Ковачевски: Со нотата до ООН ќе имаме Договор за меѓугранична соработка и отворени ЕУ фондови

од Nikola Popovski

„Ние испративме нота до Обединетите нации за користењето на долгото и краткото име на нашата држава. Врз основа на таа нота ќе се потпише Договор за прекугранична соработка со Бугарија 2022-2027 година, што ќе овозможи европски фондови да се користат од двете страни“ кажа премиерот Димитар Ковачевски во гостувањето на Дневникот на МРТ.

Тој додаде дека со решавањето на ова прашање за користењето на краткото име, не е нарушен принципот на решавање на отворените прашања во пакет, со оглед на тоа што најважните прашања се разговараат помеѓу министерствата за надворешни работи.

„Јас во еден мој настап кажав дека со Бугарија ни треба брзо решение, бидејќи државата предолго чека за првата меѓувладина конференција, но не ни треба избрзано решение. Поради тоа не се ограничувам на рокови, туку работиме да дојдеме до издржано решение што ќе биде добра основа за деблокада на интегративните процеси, но и здрава основа за градење на добрососедски односи во иднина“ кажа Ковачевски.

Тој додаде дека во моментот сите документи на кои работат министерствата за надворешни работи се во фаза на работни документи, а кога ќе бидат готови тие ќе бидат одобрувани, прифаќани и презентирани согласно уставните и законските прописи во државата.

Слични содржини