Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во новогодишната честитка до граѓаните порача дека во новата 2023 година државата ќе продолжи да напредува и да ги остварува целите и ќе биде подобра за граѓаните.
„Можам со сигурност да кажам дека наредната година ќе биде подобра. Платите и пензиите ќе продолжат да растат, завршени се големи проекти важни за државата, а продолжуваме понатаму со нови инвестиции кои ќе значат подобар живот за сите. Затоа што никого не оставаме сам. Никој, никогаш нема да биде оставен сам“, порача Ковачевски во новогодишната честитка до граѓаните.
Премиерот Ковачевски во честитката порача дека целото негово знаење и искуство ќе го искористи за подобрување на животниот стандард на граѓаните, со цел наредната година да биде подобра.
Во новогодишната честитка премиерот Ковачевски се осврна на годината што изминува, во која фокусот беше ставен на справување со последиците од пандемијата, како и од економската и енергетската криза, но и на исполнување на евроинтегративниот процес.
„Во исто време моравме да носиме тешки одлуки за нашата европска иднина. Тоа, за мене лично, беше најголемиот предизвик во мојот живот. Можеби и најтешкиот затоа што знаев дека сум одговорен за мојот народ, за секој еден граѓанин, за вашата, за нашата иднина. Оваа зима се погриживме сите македонски домови да се топли, исто како и овој. А тука сме да се погрижиме да има и доволно храна на сечија празнична трпеза. Сакам да искажам посебна благодарност до сите граѓани кои во овие празнични мигови неуморно и посветено работат за нашето здравје, нашата безбедност и нашиот мир. Среќна Нова година и среќен Божиќ, да сте живи и здрави“, порача премиерот Ковачевски во новогодишната честитка.