Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на отворање на нов објект за форензички испитувања, во рамки на Министерството за внатрешни работи.
-Овој концепт на форензичка служба ги отвора вратите на нашите професионалци-форензичари непречено да учествуваат и во регионални и меѓународни проекти, но е и можност за продлабочување на соработката со форензичките служби од државите од регионот и Европската Унија.
Инвестицијата на овој современ објект кој е во рамки на ИПА програмата изнесува над 3,5 милиони евра. Ова е уште еден показател дека ЕУ ја поддржува нашата бескомпромисна, континуирана и постојана борба со криминалот и корупцијата. Нашите политики за реформа на истражните институции, правосудството, обвинителството, создавање слободни и независни институции, вклученост на граѓанските здруженија и медиумите во тие процеси, не се само декларативна промоција на политичка волја за битка со криминалот, туку се реалност, порача премиерот во своето обраќање.
Како што истакна, граѓаните, како крајни корисници на услугите на овие лаборатории, ќе почувствуваат најголем бенефит имајќи предвид дека ефикасноста на судските постапки не може да се замисли без служба која ќе биде независна, неутрална, ефикасна, навремена и професионално оспособена, усогласена со барањата на истрагата и истовремено ќе ги исполнува стандардите на современа форензичка институција.
-Работа по систем и стандарди е она што оваа Влада го вреднува и имплементира, а е одлика и на работата и функционирањето на земјите членки на Европската Унија. Во нашата независна историја, веќе триесет години опстојува исклучително високо ниво на поддршка на граѓаните во однос на потребното членство во Европската Унија. Во сите овие години, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра, средства кои нашата држава ги добила преку грантови и макрофинансиска поддршка, кои ни овозможиле ликвидносна поддршка, забрзување на деловната активност и индиректно, повисоки плати и пензии, намалување на невработеноста, зголемени странски инвестиции и изградба на подобра инфраструктура во државата, посочи Ковачевски: