Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се сретна со жителите на Општина Нагоричане, каде е реконструирана патната делница Младо Нагоричане – Куманово.
Заедно со премиерот Ковачевски присутни беа и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие Македонија Пат, Костадин Ацевски, како и заменик-градоначалникот на Старо Нагоричане, Бобан Цветановски.
Станува збор за надградба и поправка на патната делница Младо Нагоричане – Куманово. Инвеститор на делницата е Јавното претпријатие за државни патишта, а изведувач Јавното претпријатие Македонија Пат.
„Надградбата и санацијата на овој патен правец во должина од над три километри е инвестиција од над 292 илјади евра. Ги поврзавме жителите од околните места, како што го направивме тоа и со санацијата на патната делница Куманово – Старо Нагоричане во должина од три километри, во вредност од близу 570 илјади евра. Со овие инвестиции го заживуваме овој регион. Граѓаните нема веќе да патуваат небезбедно и подолго по делници стари со децении. Животот и секојдневието ќе им се олесни и ќе имаат побезбедно патување”, истакна премиерот Ковачевски за патната делница Младо Нагоричане – Куманово.
Притоа, премиерот Ковачевски го посочи и магистралниот пат Куманово – Страцин, инвестиција вредна 12 милиони евра, којашто е важен дел од Коридорот 8.
Оваа патна делница, како што нагласи премиерот, се рехабилитира за прв пат после повеќе од 32 години.
Премиерот Ковачевски додаде дека Владата се грижи за навремена и квалитетна изработка на модерни патишта како на регионално така и на локално ниво, што е и причината зошто денеска е во посета на овој регион со цел да разговара со жителите од овој крај за да ги слушне нивните мислења за сработеното.
Нагласувајќи ги инвестициите во различни сфери, премиерот рече дека Владата реализира капитални инфраструктурни проекти во патната инфраструктура.
Тој порача дека Владата секогаш ќе остане партнер на граѓаните, без разлика дали доаѓаат од урбаните или од руралните општини во државата.
Премиерот Ковачевски на средбата со жителите посочи дека ваквите инвестиции се важни не само за подобро поврзување со околните градови, туку и за локалниот развој.
На средбата со жителите од Младо Нагоричане се разговараше и за другите инфраструктурни проекти во овој регион.