Оваа војна во Украина создаде нова реалност во сите сфери на нашиот живот, а особено во поглед на координирањето на сите напори во производство на храна и синџирите на набавка, како и нивната стабилизација, испораката и производството на енергија, како и во полето на одбрана и воена координација, кажа премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски од Софија каде учествуваше на заедничка прес-конференција заедно со премиерите на Црна Гора Здравко Кривокапиќ, на Република Романија Николае Чука и на Република Бугарија Кирил Петков како домаќин на Состанокот на шефовите на влади на земјите членки на НАТО од Југоисточна Европа.
Тој потенцираше дека ја осудува воената агресија на Русија против Украина.
-Како премиер на Северна Македонија сакам да истакнам дека го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Сега одговорноста е да се соочиме со новата стратешка реалност во европската и трансатлантската безбедност.Сојузниците решително одговорија на овој воен конфликт и исто така сите земји дадоа своја поддршка, не само на украинскиот народ којшто е во Украина, туку и на украинскиот народ кој побегна од својата земја и којшто наеднаш стана бегалци.Северна Македонија соодветно се усогласи со надворешната и безбедносна политика на ЕУ затоа што ние ги споделуваме истите вредности со ЕУ и земјите на НАТО.Потенцирав дека проширувањето на ЕУ во суштина е безбедносна политика и дека застојот во овој процес остава дополнителна нестабилност за регионот затоа што има неколку негативни тенденции и создава простор за злонамерно влијание на трети земји, вели Ковачевски.