Ковачевски: Стапката на невработеност е под 14%

од Nikola Popovski
163 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска се обрати пред околу 500 претставници на деловната заедница корисници на поддршката од Владата, за нови инвестиции, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Во своето обраќање премиерот се осврна на важноста од нови инвестиции во услови на најголемата светска економско-енергетска и инфлациска криза. Тој подвлече дека и во услови на криза Буџетот е стабилен, се зачуваа работните места, се задржа ликвидноста на компаниите, а поддршка на државата не изостана. Растат платите, се намалува невработеноста, а растат и инвестициите. Премиерот Ковачевски подвлече дека сето ова е резултат на стратешката определба на државата, влезот во НАТО и евроинтегративниот процес, кој во иднина ќе го забрза економскиот раст.

-Во таа насока, Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година, рече Ковачевски.

Додаде дека стапката на невработеност пак во 2016 година беше речиси 24%, за да денес е ниво под 14%.

-За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5% во државата. За споредба исто, во 2016 година, минималната плата во државата изнесуваше 10.000 денари, а сега од март годинава изнесува 21.000 денари, значи двојно повеќе во однос на тоа што го затекнавме. Просечната нето плата во 2016 година изнесувала нешто над 22.000 денари, а во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува 37.000 денари. Тоа се цели 230 евра месечно повеќе во семејниот буџет на работниците во државата, посочи Ковачевски во обраќањето.

Слични содржини