Ковачевски: УО на М-НАВ постапи добро со тоа што го заврши конкурсот за контролори на летање онака како што бил започнат

од Stefanija Kuzmanovska

Управниот одбор (УО) на М-НАВ постапи добро со тоа што го заврши конкурсот за контролори на летање онака како што бил започнат и како што бил евалуиран од страна на данските консултанти, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски.

„Уште во текот на минатата недела ги повикав тројцата директори од М-НАВ да дојдат и да реферираат на седница на Влада“, рече Ковачевски одговарајќи на прашањето што ќе преземе Владата по последните случувања со конкурсот на контролори на летање во М-НАВ, на отворањето на Првиот национален саем за храна и пијалаци во Градскиот парк во Скопје.

Тој нагласи дека од тоа што директорите ќе го кажат на седницата на Влада ќе зависат следните чекори што ќе се преземат.

Раководството на М-НАВ АД Скопје вчера го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање, предложен од Комисијата за избор и селекција и даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување.

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) кој изрази сомнеж дека има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери, најави дека ќе бара одговорност за случувања со кои сметаат дека се нарушил кредибилитетот на нивната професија.

Од УО на М-НАВ вчера во соопштени наведоа дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на Огласот, како што било наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти“.

Слични содржини