Премиерот Димитар Ковачевски, прашан за претседавањето со ОБСЕ, кажа дека мора да се врати мирот во светот. Во интервју за српскиот весник ‘Политика’ тој кажа дека тоа е можно преку креативни решенија, на кои ќе се работи.
-Да, беше особено изненадувачки што агресијата дојде од постојана членка на Советот за безбедност на ОН – Руската Федерација. Фактот што одлучи да употреби насилство за да ги реши предизвиците на земјите-членки на ОН, организација чија основа е одржување на мирот во светот и членка на ОБСЕ – е во спротивност со заедничките определби на земјите-членки против какви било форма на дејствување чии последици се човечки животи и загрозување на светскиот мир. Историјата покажува дека ниту еден проблем не може да се реши со насилни средства и колку и да траеше воениот конфликт, решението секогаш се доаѓаше на маса – преку дијалог, нагласи Ковачевски.
Тој дополни дека како премиер на земја која претседава со ОБСЕ, апелира веднаш да се запре агресијата на Руската Федерација врз Украина и да се отвори патот за дипломатија и дијалог, со цел да се најде разумно решение со мирни средства.
– Од 1 јануари 2023 година Република Северна Македонија ја има честа да претседава со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација, а тоа е истовремено и голема обврска, бидејќи тоа се случува во време кога имаме воена агресија во Европа. Сепак, убеден сум дека успешно ќе одговориме на укажаната доверба, бидејќи имаме искуство во надминување на конфликти. Ние, како земја, добивме и од посредничките безбедносни механизми, вклучително и мировната мисија на ОН, и преку нашиот сопствен пример ги знаеме придобивките од мировните ангажмани на меѓународната заедница. Исто така, иако сме мултиетничка држава, успеавме со свои напори да се обединиме во заеднички одредби за мир, не бевме вовлечени во војната за време на поранешна Југославија, па дури подоцна со Охридскиот рамковен договор успеавме да се зачува унитарноста на државата. Денес ние сме и светол пример за Балканот и Европа како функционална мултиетничка демократија и земја која постојано чекори по евроатлантскиот пат. Тоа го постигнавме преку мудра дијалог политика на добрососедски односи. Со овие искуства сакаме да придонесеме за зајакнување и развој на безбедноста на меѓународно ниво. Како претседавачи со ОБСЕ во 2023 година, ние сме целосно фокусирани на мултилатерализмот надминувајќи го милитаризмот, што е врвен предизвик за Европа и светот денес, заклучи Ковачевски.