Ковачевски: Владата секогаш ќе биде ветар во грб и потпора на производителите

од Nikola Popovski
236 прегледи

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска во Јосифово, Валандово ја посети млекарницата „Вардарец” која претставува успешна приказна на домашна компанија со долгогодишна традиција, квалитет и идеја за развој.

-Оваа Влада секогаш ќе биде ветар во грб и потпора на производителите, на компаниите, на бизнис секторот.

Живееме во времиња полни со предизвици, времиња кои бараат брза адаптација и реакција. Јас сум одговорен човек, Владата која ја предводам умее и да интервенира каде и како треба, но во исто време одговорно управуваме со јавните финансии.

Затоа и донесовме пакет мерки што ќе одговори на повеќето предизвици наметнати од економската и енергетската криза.

Периодот очекувам стабилизирање на цените на основните прехранбени производи, затоа им помогнавме на компаниите и со последниот пакет антикризни мерки производителите на прехранбени производи, ќе можат да склучуваат договори со „ЕСМ Продажба“, за да користат поевтина струја.

Нема поголем приоритет од справувањето со енергетската криза, заштитата на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите. Работиме одговорно, рационално, ги кратиме непродуктивните трошења сé со цел заедно да се избориме со оваа криза. Во оваа најголема економско-енергетска криза никој нема да биде оставен сам, истакнал Ковачевски во обраќањето.