Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на свеченост по повод денот на формирањето на Специјалната антитеористичка единица „Тигар”.
Во чест на 13 март, премиерот изрази благодарност до специјалците-Тигри, за нивната пожртвуваност и исклучителен придонес за безбедноста на Република Северна Македонија и на сите граѓани.
„Живееме во време полно со безбедносни предизвици и тие не се разликуваат од оние со кои се соочуваат полициите во регионот, во Европа, полициите на нашите партнерски земји од НАТО. Веќе втора година светот се соочува со појава на негативни безбедносни сценарија. Водечка е отворената агресија на европско тло и кризите што произлегуваат од неа, наша обврска како земја членка на НАТО е навремено да се прилагодиме на ваквите случувања.
Во последниве пет години Специјалната антитерористичка единица „Тигар” е на врвот на приоритетните планови и концепти по однос на развојот и унапредувањето на полициската безбедносна служба. Она со што се горедеме е дека САЕ „Тигар” со својата врвна стручност и професионално извршување на задачите не се разлкува од европските полиции, тоа досега во повеќе наврати го имаат докажано и покажано за време на врвните обуки во земјава и во странство”, истакна Ковачевски.
Премиерот посочи дека Владата во континуитет ќе продолжи да вложува во единицата, бидејќи задача на Владата е да обезбедува услови за безбедна работа на специјалците.
„Кога станува збор за вашата заштита и безбедност, не штедиме, вам не треба ништо да ви недостига. Се што придонесува за ваша побрза и поефикасна работа како и досега ќе се обезбедува, бидејќи за вашите резултати и постигнување на високо ниво на безбедност, наша задача како Влада е да ви ги обезбедиме најдобрите услови за работа.
Во насока на континуирано мотивирање на припадниците на специјалните единици, неколкукратно беа зголемени платите. Континуирано од 2017 година се исплаќаат бонус плати, за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво. За припадниците на Одделот за специјални полициски операции се исплаќаат патни трошоци за оние кои живеат надвор од градот Скопје, како и исплата на дневници за службени патувања.