„Се работи за одлука која ја носат американските институции врз основа на информации со кои располагаат. Со оглед дека САД се наш стратешки партнер, исто како и ЕУ и ООН, Владата подготви Закон за рестриктивни мерки кој што е поднесене до Собранието“. Вака претседателот на СДСМ и екс-премиер Димитар Ковачевски ја прокоментира вчерашната ажурирана црна листа на Стејт Департментот со две нови имиња од земјава.
Ковачевски го повтори апелот на неговата партија и го повика пратеникот и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски да не го блокира законот и да го пушти во собраниска процедура.
-Очигледно тој од некоја причина го блокира законот да не биде ставен на комисиска расправа и со тоа да не биде донесен. Доколку не планираат да го стават, тогаш ВМРО-ДПМНЕ треба да кажат од кои причини не сакаат законот да биде донесен во Собранието, додаде лидерот на СДСМ.