Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ и Левица како анти-македонските фактори надвор – работат против државата и граѓаните

од Vladimir Zorba
173 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати вечерва во Парламентот, на седницата на којашто на дневен ред е Предлогот за избор на членови на Владата на Република Северна Македонија.

„Опозицијата предводена од Левица, во којашто мозокот е Левица, а извршителите се ВМРО-ДПМНЕ, повторно покажува само гнев, црнила, закани, празни фрази!

Не само што не помагаат, не само што не нудат алтернативи, туку тие ѝ одмагаат на државата! Не на мене и на Владата, туку одмагаат и работат против државата и граѓаните!

Посакуваат и работат да има проблеми, посакуваат и работат како што тоа го прават анти-македонските фактори надвор, секој ден да биде пропаст, проблеми, кризи.

И за жал, несфатливо и неприфатливо за секој разумен човек, се радуваат кога има проблеми.

Тоа е нивен избор. Да останат во скутот на криминалот, да се топлат во криминалните фотељи од минатото, да се борат за амнестија на криминалот, да формираат бугарски клубови низ државата, да провоцираат конфликти.

Најлошо и најопасно, да го делат македонското ткиво, да ги делат граѓаните, да создаваат поделби, да ја блокираат државата на патот кон Европската Унија, а со цел да ги зачуваат или стекнат нови криминални пари, бидејќи за нив само тоа е свето.

Е против тоа се бориме ние! И нема да дозволиме, оваа структура, со главата на Левица, а телото на ВМРО-ДПМНЕ повторно, како во минатото, да ја уништува државата.

И за таа цел, денес, почитувани граѓани, го зголемуваме парламентарното мнозинство, формираме нова, постабилна и поуспешна Влада и со влезот на Алијанса за Албанците и со избор на нови министри и заменици министри.

За да можеме во оваа 2023 година, да продолжиме да работиме како што ветивме и како што остваруваме“, вели Ковачевски.

Тој верува дека оваа година ќе биде година на позитивни промени, на позитивни очекувања, на позитивни исходи, на сите полиња.

„За таа цел и во тоа име, ја барам Вашата доверба.

Почитуван претседателе, пратенички и пратеници, предлагам да ги изберете:

г-дин Кренар Лога, за министер кој ќе раководи со Министерството за правда;

г-дин Фатмир Меџити, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство;

г-дин Азир Алиу, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација;

г-ѓа Каја Шукова за министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Посакувам успешна, конструктивна седница и работа. За да бидеме ефикасни и да продолжиме да работиме и реализираме, како што ветивме“, истакна премиерот.

Претходно, по предлогот за разрешувања доставен од премиерот Ковачевски, Собранието на Република Северна Македонија ги констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, а со зголемено парламентарно мнозинство, Собранието на Република Северна Македонија ги разреши: Беким Сали од функцијата министер за здравство, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи, од функцијата министер без ресор, задолжен за дијаспора.

Слични содржини