Ковачевски во Атина на средба со лидерите на Западен Балкан и Фон дер Лејен

од Vladimir Zorba
908 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на 21 август во Атина ќе учествува на неформална вечера на лидери од Западен Балкан и лидери од ЕУ земји-членки од регионот, чиј домаќин ќе биде грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Неформалната вечера се одржува по повод одбележувањето на 20 години од одржувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Солун и „Декларацијата од Солун”.

Премиерот Ковачевски во Атина е придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Неформалната вечера ќе биде можност лидерите да разговараат за проширувањето и европската иднина на регионот на 20-годишнината од „Декларацијата од Солун” од Самитот ЕУ-Западен Балкан, со која најконкретно беа отворени перспективите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

На неформалната вечера ќе учествуваат претседателите на Европскиот Совет Шарл Мишел и на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лејен, лидерите на земјите од Западен Балкан – српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, премиерката на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и косовскиот премиер Албин Курти, како и премиерите од земји членки на ЕУ од регионот и пријатели на проширувањето – на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Романија Јон-Марсел Чолаку и на Бугарија Николај Денков.

Пред неформалната вечера, премиерот Ковачевски ќе оствари средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен.

Слични содржини