Владина делегација предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски кој беше придружуван од заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, денес присуствуваше на церемонијата за чествување на големиот христијански празник Богојавление – Водици, што традиционално се одржа на мостот „Слобода” кај „Холидеј Ин” во Скопје.
На церемонијата на која присуствуваа голем број верници, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан ги освети водите положувајќи го крстот во реката Вардар. Со овој чин кој го означува духовното прочистување и обновување, водите се преобразуваат во свети води, како потсетување на крштевањето на синот божји во реката Јордан.
На свечената церемонија која кулминираше со фаќањето на крстот, премиерот Ковачевски на најсреќниот од верниците кој го извлече крстот од светите води, срдечно му честиташе со желби за добро здравје и просперитет и му ја врачи наградата.
Во својата честитката до православните верници, светиот Архијерејски синод, до Господин Господин Стефан, Архиепископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и до сите свештеници и монашки братства премиерот Ковачевски порача:
„Овој празник нè повикува да се очистиме од гревовите на денот кога водите се преобразуваат во свети води за да потсетат на денот кога Исус Христос се крштеваше во реката Јордан.
И оваа година додека сè уште трае пандемијата со КОВИД-19, празникот повикува да ги поминеме во здравје искушенијата на пандемијата.
Да се придржуваме до препораките на здравствените работници и на Синодот на МПЦ-ОА и да го прославиме празникот одговорно.
Секоја година овој празник ни порачува да ја обновиме и зајакнеме духовната зрелост, и смирено и со љубов да си посакаме добра волја за совладување на сите предизвици што ни претстојат на личен и на колективен план. Нека ни е честит и вековит, големиот христијански празник Богојавление – Водици“, порача Ковачевски.