Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во рамки на посетата на САД, се обрати на прием по повод 5 мај – Денот на македонскиот јазик.
Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот:
„Се гордеам што како држава, како народ, успеавме да добиеме шанса и статусот на македонскиот стандарден јазик да го втемелиме во европското законодавство. Да биде признат и почитуван од нашите меѓународни пријатели, дипломати, државници, да биде рамноправен со сите други јазици кои се зборуваат во Европската Унија. Знае професорот Малески којшто е тука и амбасадорот Фрчковски какви се предизвици имавме и имале и какви јас имав во делот на преговорите на практично внесување на македонскиот јазик во ОН потоа во НАТО, финално во јазиците на ЕУ, меѓутоа со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС и неговата ратификација, македонскиот јазик се издигна на рамноправно рамниште со сите други јазици кои се зборуваат во Европската Унија.
Тоа е практично прв договор кој е потпишан на сите јазици во ЕУ и на македонски јазик и одобрен од сите членки на ЕУ вклучително Грција и Бугарија.
Со заштитата на македонскиот јазик го заштитивме и нашиот идентитет, нашата култура и ги втемеливме како дел од мозаикот на европските јазици и европската разноликост. Македонскиот јазик го обликува нашиот идентитет, нашето културно наследство, па затоа нашиот услов од кој не отстапивме пред почетокот на преговорите беше македонскиот јазик да биде службен и единствен официјален јазик. Историски успех е што на македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. За идентитетот и јазикот не постојат фусноти, додавки, објаснувања, ѕвездички – македонски јазик е македонски јазик!
Јазикот е коренот од кој растеме. Тој е нашиот столб на образованието, културата, на нашата национална смисла. Со тоа што го заштитивме јазикот, ја заштитивме и суштината на нашето постоење“, вели, меѓу другото, премиерот на РСМ.