Не сум го запознал никогаш претседателот на Врховниот суд во капацитет на својата дејност бидејќи се одвоени судската и извршната власт. Доколку било кој бил под притисок на било кого, тоа треба да го каже со име и презиме, вели премиерот Димитар Ковачевски запрашан за вчерашните критики од страна на холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп на средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по случувањата поврзани со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која е на чекор до разрешување по постапката од Судскиот совет.
Премиерот вели дека „е во ред ставот на амбасадорот, но дециден е ако има притисок, треба да се каже со име и презиме“.
За падот на владеењето на правото како што рече Јан Коп, „Ковачевски упатува на тие кои што се задолжени за владеењето на правото“.
Премиерот ова го изјави при посетата на реновираната операциона сала на Клиниката за ортопедски болести.
За средбата на Ахмети и Коп, од Холандската амбасада во земјава посочија дека холандскиот амбасадор „пренел порака дека посветеноста на Македонија за членство во ЕУ е загрозена по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава“, како и дека „неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд“.
На средбата, како што информираат од ДУИ, Ахмети и Коп, разговарале за влијанијата на истокот во регионот, владеењето на правото, реформите, како и важноста од европската интеграција.