Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска се сретна со потпретседателот на Владата на Република Србија, Милош Вучевиќ.
На состанокот се разговараше на повеќе теми, во насока на продолжување и унапредување на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Србија. Заеднички беше констатирано дека односите меѓу двете земји се пријателски и партнерски, а ќе продолжат да се продлабочуваат преку проширување на соработката, зацврстување на взаемната доверба, разбирањето и добрососедството.
Тема на разговор беше и отворањето на почесниот Конзулат на Република Србија во Охрид, нормализирањето на односите помеѓу двете цркви, МПЦ-ОА и СПЦ.
Премиерот Ковачевски истакна дека патнерството и пријателството меѓу Република Северна Македонија и Република Србија се пример за регионов. Затоа не само за двете држави, туку и за целиот регион е важно да се изоди европскиот пат.
Од страна на потпретседателот на владата на Република Србија Вучевиќ беше изразена благодарност до македонската Влада за поддршката на српската заедница во Северна Македонија и нејзината вклученост во мултикултурното општество во кое сите придонесуваат.
Вучевиќ истакна дека Владата на Рењпублика Србија останува посветена на одлични односи и продолжување на соработката, бидејќи Република Србија нема поблизок народ. Сите суштински прашања се решени, а односите во регионот се релаксирани.
И двете страни истакнаа дека Отворен Балкан треба да се прошири бидејќи е доказ за нас самите дека можеме да го развиваме регионот.