Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска ги поздрави најавените законски измени преку кои ќе овозможи отворање на постапки за субјектите кои се наоѓаат под санкции од САД и Велика Британија.
-Ние сите сакаме од наутро да бидеме најголеми Американци, ама попладне тоа што тие го прават, ништо да не важи овде. Членството во НАТО не значи само ставање на знаме пред официјалните институции, туку и воведување на стандарди, поголемо владеење на право и отчетност. Велика Британија е исто така наш стратешки партнер од независноста. Овие измени ќе овозможат и вклучување на лица и носители на јавни функции и на тој начин ќе се отвори простор, тие докази што го имаат, се споделат со нашите институции, за да се носат соодветни одлуки од соодветните органи во државата, рече Ковачевски.
Премиерот најави дека најверојатно на следната владина седница ќе бидат разгледани законските измени.
Македонските државјани и фирми кои ќе завршат на црните листи на САД и Обединетото Кралство поради корупција и злоупотреба на службената положба, ќе почувствуваат санкции и од домашните власти.
Инаку, последен на „црната листа“ на САД се најде бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, поради неговата вмешаност во значителна корупција, како што соопштија во известувањето од Стејт департментот. На него му е забранет влез во САД, а одлуката беше соопштена месецов.