Не е точно дека не сме реагирале, ние секогаш сме реагирале кога има дејствија кога се нарушува углед по било кој основ. МНР реагираше, но реагиравме и на друг натпревар во којшто играа репрезентациите, но сепак сметам дека најдобар начин да се навива е да се бодри сопствениот тим и да се почитуваат противниците, вели премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање по настанот за презентација на Проектот за поврзување на локалните патишта.
Тоа важи за нас секако, но важи секако и за нашите противници, рече Ковачевски по настанот за презентација на Проектот за поврзување на локалните патишта.
МНР денеска го осуди, како што наведе, „вчерашниот израз на говорот на омраза што можеше да забележи во текот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија“.
– Спортските настани претставуваат највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла, се наведува во соопштението на МНР.
Борисов го осуди исвиркувањето на бугарската химна
Поранешниот бугарски премиер и актуелен лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, се огласи на социјалните мрежи да го осуди синоќешното исвиркување на бугарската химна во Скопје на почетокот на фудбалскиот натпревар против македонската репрезентација.
-Почит за момците од бугарската фудбалска репрезентација! Вака се брани достоинството на нашата нација! Како Бугарин и љубител на фудбалот, категорично го осудувам сквернавењето на бугарската химна на почетокот на натпреварот Република Северна Македонија – Бугарија. За жал, со ваквите постапки нашите соседи од Република Северна Македонија не покажуваат дека ги разбираат европските вредности. Напред бугарски херои, напиша на Фејсбук Борисов.
Утрово пристигна реакција и од македонското Министерство за надворешни работи (МНР) во која наведуваат дека го осудуваат говорот на омраза што можел да се забележи во текот на натпреварот.