Премиерот Димитар Ковачевски денеска беше запрашан за вчерашните слики и видео од канцеларијата на министерот и прв вицепремиер Артан Груби кој играше фудбал и кошарка со своите колеги министри од редовите на ДУИ. Според Ковачевски, ирелевантно е тоа дали му пречи ваквата практика во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководи токму Груби.
-Ова не се први слики од неговиот кабинет како се шутира топка. Мислам дека и словачкиот амбасадор шутираше. Јас имам колеги премиери кои што имаат кошеви во канцеларија. Јас на пример немам и не сум имал. Секој може да избере дали ќе има некаков реквизит кој што ќе го искористи во својата канцеларија. Тоа е лично прашање за некој како го организирал просторот. Дали мене ми пречи е ирелевантно бидејќи ако јас сакам да го организирам просторот на канцеларија како што сакам, ќе го организирам. Исто како што вие во вашата канцеларија го организирате просторот како што вие сакате, рече премиерот Ковачевски.
На вчера објавената снимка како играат фудбал и кошарка можеа да се видат Артан Груби, Бујар Османи, Крешник Бектеши, Јетон Шаќири, Фатмир Бесими и Насер Нуредини.
-Антистрес терапија по долгиот ден, напиша првиот вицепремиер на својот Фејсбук профил.