Премиерот Димитар Ковачевски упати три пораки по повод ситуацијата со 15-метарскиот крст на црковно земјиште на Попова Шапка, за која повеќе партии се јавија со реакции.
-Првата е дека политиката треба да ги тргне рацете од верата бидејќи сме секуларна држава и секој граѓанин има право да ја практикува верата која што е негова. Нашата држава е докажана како мулиетничка и мултирелигиозна во која што се почитуваат сите права. Како второ се потврди она што и јас го зборувам во минатото, дека во државата постојат политичари, пред мислам на опозицијата која што во моментов го води градот Тетово, кои што во немање на простор и проекти, подгреваат национални и верски чувства на граѓаните. Повторувам политиката мора да ги тргне рацете од верата, рече Ковачевски.
Како трета порака, премиерот истакна дека сите спорови што произлегуваат во однос на градежни објекти, треба да бидат решавани во рамки на законот и рамки на институциите, почитувајќи ја секуларноста на државата и потребата на верско изразување.
-Сметам дека на државата и требаат одлуки во однос на интегрирање во ЕУ, во спротивно ќе го гледаме тоа што се случуваше во 11 години, кога единствено гледавме улични борби на Кале, каде едни подигнуваа конструкција за верски објект, а други го напаѓаа објекти. Тоа не ни треба, кажа претседателот на Владата од општина Прилеп.