Ковачевски за проблемот со комисиите: Беса да се однесува како опозициска партија

од Берта Китинска
212 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски апелира до пратениците на движењето Беса да се однесува како опозиција во Собранието и да ја деблокираат работата на собраниските комисии со прифаќање на распределбата на местата во комисиите согласно со владиното мнозинство.

Тој денска упати апел до Собранието и до политичките партии дека согласно со распределбата на местата во комисиите и согласно со владиното мнозинство, кое што е зголемено во рамките на Владата и е поддржано со 64 пратеника, Беса, која што беше дел од власта па реши да оди во опозиција, треба така да се однесува.

-Вие не можете во четврток да бидете претпоставена власт, во четврток навечер да сфатите дека не сте власт и во петок да кажете сабајле слушајте ние погрешивме не мислевме вака, сега сакаме да бидеме власт, а да сме опозиција. Ова е порака до нив дека треба да се однесуваат согласно со стандардите на парламентарната демократија и да ја организираат работата на Собранието согласно со процедурите и согласно со распределбата на местата не само во таа комисија, туку и во сите комисии, рече премиерот Ковачевски на новинарско прашање во врска со деблокирање на работата на собраниската Комисија за избори и именувања.